Огнот беснее, а тие интервенираат со стара опрема - предизвици со кои се соочуваат пожарникарите

Алармантна е состојбата во противпожарните единици. Со стари возила повеќе од 30 години работат противпожарните. Возилата често им се расипуваат. Сепак, наоѓаат начини како да стасаат до тешките локации за да изгаснат пожар.

Паралелно државава има само половина од потребните професионални пожарникари, покажуваат податоците на Дирекцијата за заштита и спасување. Наместо еден пожарникар на најмногу 1.500 жители, лани сме имале 747 пожарникари, односно еден на 2.778 жители. Преполовени се капацитетите и во скопската противпожарна. Огнот го гаснат со застарена опрема.

Додека пожарникарите наоѓаат начини како со стара опрема да гаснат оган, електронската архива за судски одлуки не покажува пресуди за кривичното дело предизвикување шумски пожар. Ги гонат со делото предизвикување општа опасност. Разликата е во висината на казната, за првото дело е од една до 10 години, за второто од шест месеци до пет години. Останува отворено прашањето, дали предизвикувачите на пожар добиваат реална казна.

Пожарникарите често се соочуваат со потешкотии, а токму таков пример имаа деновиве кога се запали стан во зграда во Кисела Вода. Потешкотии имале за да пристигнат до зградата во Кисела Вода во која избувна пожар поради некои возила кои и покрај противпожарната сирена не реагирале, но и поради паркираните автомобили до зградата каде требало да интервенираат.