Официјално: Три случаи со британската мутација на Ковид-19 во Македонија

Британскиот вид на коронавирус досега бил детектиран кај тројца пациенти во земјава, соопштија од Министерството за здравство.

Здравствените власти на 27 јануари објавија за првиот пациент заразен со овој вид на вирусот, кој веќе е оздравен. Вирусот беше детектиран во приватната лабораторија на клиниката „Жан Митрев“, во Скопје, при анализа на примероци од јануари.

Кај останатите двајца заразени, едниот кој имал коморбидитет починал, а другиот пациент од 26 јануари се води како оздравен. Починатиот е 46-годишен маж од Охрид, кој имал претходни хронични заболувања. Позитивен тест на Ковид-19 добил на 4 јануари, а починал на 8 јануари 2021 година.

Според епидемиолошките анкети, ниту еден од тројцата мажи не патувал во странство.

Според најновите сознанија, британската мутација на коронавирусот полесно се пренесува за 50 до 70 отсто од досега познатиот ковид-19, а смртноста од овој сој е поголема за 35%.

Овие најнови сознанија според извештајот на NERVTAG за британската мутација на коронавирусот на својот фејсбук профил ги објави д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при клиниката „Жан Митрев“.

Според извештајот на NERVTAG во Велика Британија, сојот полесно се пренесува за најверојатно 50-70%, односно, ако требало да се заразат 1.000 луѓе, ќе се заразат 1500-1700. Значајно. Сојот најверојатно води до поголема смртност, барем за 35% во споредба со небритански соеви. Ако има зголемена преносливост (да речеме 50%) и зголемена смртност (да речеме 35%) наместо да се заразат 1.000, ќе се заразат 1.500 и наместо да починат 10, ќе починат 20. Тековните вакцини се доволно ефективни кон британскиот сој.

Кунгуловски вели дека пандемијата е далеку од завршена и единствениот спас е глобалната вакцинација, што побрзо толку подобро.

Дотогаш, следете мерки, носете маски, не престојувајте во непроветрени простории, не престојувајте во затворени простории подолго време, бидете разумни, не мислете само на себе, туку мислете и на останатите околу вас. Паниката не користи никому, додека пак разумна претпазливост и мониторинг користат секому, препорачува Кунгуловски.

Нови 325 случаи на ковид-19 од направени 2.589 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство. Починаа седум лица, сите во болнички услови, а оздравени се 479 пациенти.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.518, бројот на оздравени пациенти е 81.316, на починати е 2.848, а бројот на активни случаи изнесува 8.354. Досега во земјата се направени вкупно 454.608 тестирања на КОВИД -19.