Официјално: Македонија оди на СП во Египет на местото на Чешка

Македонската ракометна репрезентација ќе го продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања, бидејќи ќе игра на Светското првенство во Египет, што стартува денеска. Репрезентацијата на Чешка и официјално се повлече од настапот поради многуте позитивни случаи на Ковид-19 во составот.

Чесите не се во можност да имаат конкурентна репрезентација на Мундијалот па затоа денеска одлучија да не патуваат за Египет. Во нивниот состав има дури 12 позитивни ракометари на Ковид-19 и уште петмина се во карантин. Меѓу нив се и двајцата селектори Даниел Кубеш и Јан Филип.

Двајцата немаше да можат да патуваат на СП поради медицинските протоколи, а дополнителен ризик е да повикаат нови ракометари надвор од оние што беа на подготовките. Чешката ракометна федерација нема да се соочи со сакнции од ИХФ поради повлекувањето од Светското првенство во последен момент.

Македонија сега ќе игра во Групата Г, каде што е домаќинот Египет потоа Шведска и селекцијата на Чиле, која два пати ја совладавме на пријателски натпревари во Скопје минатата недела. Репрезентацијата што поскоро ќе мора да замине за Каиро, бидејќи во четврток во рамки на 1.коло ќе играме со Шведска. Во 2.коло на 16 јануари се среќаваме со домаќинот Египет, а во последното коло на 18-ти играме со Чиле.