Оџачар: Ми се доближуваат и ме фаќаат за копчињата, ми земаат влакна од четката – оџачар носи среќа

Се верува дека средба со оџачар носи среќа. Во тој момент посакуваме желба, допираме копче на неговата облека или пак крадеме влакно од оџачарската четка, за да ни се исполни замисленото. Ова суеверие има долга историја.

Постои верување, според кое, има логика дека оџачарите носат среќа. Кога оџакот е затворен чадот се враќа во куќата, што значи дека домот „не диши“, чадот се задржува внатре со што се загадува домаќинството, а со тоа се таложи негативната енергија. Логично е кога оџачарите ќе го исчистат оџакот чадот да излегува надвор, што во тој момент претставува чистење и ослободување на домот од лоши и негативни сили.

Постои и верување дека оџачарската среќа се припишува и на раното станување на оџачарите. Имено, оџачарите некогаш рано оделе на работа, а се вели „кој рано рани, две среќи граби“. Можеби тоа е и причината која ги наведува луѓето да ги поврзат оџачарите со среќата. Оџачарот како ранобудник е посреќен од оние кои доцна се будат.

-Јас сум оџачар веќе 30 години. И порано луѓето верувале дека ние носиме среќе, но денеска мислам дека тоа е повеќе изразено. Некако кога ќе ме видат на улица, ми се приближуваат насмеани. Сите се љубезни со мене, кога ќе отидам во домот. Секогаш добивам кафе, нешто друго за пиење. Ме викаат да влезам внатре да се задржам повеќе, да им оставам среќа во домот. Ми се има случено многу пати да ме среќаваат на улица и да доаѓаат да ми ги пипкаат компчињата на палтото. Да ми ја пипкаат четката, да искубат влакна од неа за да им носи среќа, раскажува оџачарот Среќко.

Среќко аплира до сите, редовно во домот да си викаат оџачар, ем ќе им го исчисти оџакот, ем ќе им донесе среќа.