Одржана комеморација за Сашо Миленковски: „Не создаваше само претстави, туку и луѓе, им даваше доверба пред сами да поверуваат во себе“

На комеморацијата во Драмскиот театар, колегите, пријателите и неговите ќерки се простија од режисерот и драматург кој повеќе од три децении го менуваше македонскиот театар.

Во Драмскиот театар во Скопје се одржа комеморација за режисерот и драматург Сашо Миленковски, кој почина во јуни годинава на 62-годишна возраст. Во неговата матична театарска куќа се собраа семејството, актерите, режисерите, драматурзите и соработниците со кои ги помина најважните години од својата творечка кариера.

Од комеморацијата не останаа само зборовите за неговите претстави и награди. Многу повеќе се зборуваше за начинот на кој работел со луѓето.

Режисерот Синиша Евтимов се присети на времето кога Миленковски го препознал како млад автор на Факултетот за драмски уметности. Наместо да му држи лекции за режијата, му дал можност да гледа и да учи од процесот.

„Сашо не даваше поддршка во онаа безбедна смисла на зборот. Даваше вистинска шанса. Со вистинска одговорност. Со вистински ризик. Со можност и да успееш и да утнеш. Ќе ти дадеше актер. Ќе ти дадеше сцена. Ќе ти дадеше театар. А потоа очекуваше да бидеш достоен за довербата“, рече Евтимов.

Според него, токму во тоа била една од најголемите сили на Миленковски – не само што создавал претстави, туку создавал и луѓе околу нив. Евтимов се присети дека од него учел гледајќи го како размислува за сцената, како работи со актерите и како не се плаши да го разниша она што претходно изгледало завршено.

„Не го интересираше удобниот театар, бараше нерв, бараше живост. Нешто што ќе ја помрдне сцената и човекот во неа“, рече Евтимов.

Миленковски, според сведоштвата на неговите колеги, имал особен инстинкт да препознае талент и да му даде доверба пред самиот човек целосно да поверува во себе.

Актерката Весна Петрушевска го опиша како повеќе од пријател – како свој гуру, со кого разговарала и се натпреварувала во знаење за музиката, драмските писатели и актерските методи. Таа потсети дека Миленковски бил човек кој препознавал млади режисери и актери и им давал простор во време кога било особено тешко за младите автори да се пробијат.

„Многумина не го разбираа, а едноставно и не сакаа да го разберат, затоа што беше визионер“, рече Петрушевска.

Со особена болка зборуваше за неговото заминување и за чувството дека со него си заминале и идните проекти што можел да ги создаде.

„Го уби талентот. Го уби можноста да изрежира уште еден голем проект. Го уби заборавеноста. Го уби љубовта. Го уби тоа што не можеше да спаси уште некој лик во својот живот, затоа што тој упорно некого спасуваше. На крај не можеше да се спаси самиот себеси“, рече Петрушевска.

Неговите ќерки Хана и Сара Миленковски се присетија на детството поминато во театарот. Тие рекоа дека татко им ги научил да не почитуваат авторитети само затоа што се авторитети, да имаат храброст и да не прават компромис кога станува збор за творештвото.

Хана, која продолжи по режисерскиот пат, и Сара, која е активистка и политиколог, раскажаа дека Драмскиот театар за нив уште од детството бил дел од секојдневието – место низ кое трчале меѓу седиштата и зад сцената.

На крајот, Хана побара татко ѝ да биде испратен со аплауз и со песната „Killing in the Name“ од „Rage Against the Machine“.

За неговиот однос кон комеморациите зборуваше и драмскиот автор Сашо Кокаланов. Потсетувајќи се на нивните средби и разговори, тој рече дека Миленковски никогаш не сакал свечени испраќања, биографии и редење на успеси.

Кокаланов се пошегува дека Миленковски, доколку бил присутен, веројатно би побарал комеморацијата да заврши во бифето на театарот, на кафе.

Драматургот Венко Андоновски, пак, го опиша Миленковски како човек со кого не можел да се сети ниту кога ниту каде се запознал – чувство кое, според него, го имаат луѓето со кои како да сте имале заедничко минато уште пред да се запознаете.

Андоновски зборуваше и за неговиот специфичен режисерски пристап. Миленковски им давал голема слобода на артистите во текот на работата, но пред крајот на процесот знаел целосно да ја промени насоката и да се појави со решение што никој не го очекувал.

„Сашо беше мајстор од апсурдноста на светот да направи смисла“, порача Андоновски.

Глумецот Рубенс Муратовски се присети дека Миленковски ќе продолжи да го чувствува во секој агол на Драмскиот театар – во ходниците, гримиорните, бифето, но и во секоја смеа, аплауз и солза што ќе се појават на сцената.

Сашо Миленковски беше еден од режисерите кои оставија силен печат врз современиот македонски театар. Припаѓаше на генерацијата која во деведесеттите години внесе нова естетика и поинаков сценски јазик.

Во текот на речиси четири децении работа режираше повеќе од 50 претстави во Македонија и во странство. Меѓу неговите најзначајни остварувања е праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Народниот театар во Битола во 1992 година, претстава која освои четири награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Со режијата на „Буре барут“ во Македонскиот народен театар во 1994 година дополнително придонесе за афирмацијата на драмското творештво на Дејан Дуковски.

Режираше и дела на Горан Стефановски и Венко Андоновски, а како драмски автор ги потпиша текстовите „Коледе“, „Гејм овер“, „Deus Ex Machina“ и „Ова не е американски филм“.

Работеше и во филмот, каде што учествуваше во создавањето на документарни и играни остварувања, меѓу кои „Мајка Тереза“, „Голем Град“, „Љубинко и Десанка“ и „Преспа“.

Во 1999 година го основаше независниот театар „Бабилон“, а од 2006 до 2010 година беше директор на Македонскиот народен театар. Од 2010 година работеше како драматург во Драмскиот театар, каде што продолжи да учествува во создавањето и обликувањето на репертоарот.

Двапати ја доби наградата за најдобра режија на „Војдан Чернодрински“, а неговите претстави „Гејм овер“ и „Македонски рулет“ беа прогласувани за најдобри претстави во целина. Добитник беше и на наградата за најдобра режија на театарскиот фестивал во Нови Сад за „Злосторство и казна“, како и наградата за најдобра претстава во Србија за „Ниш експрес“.

Но на комеморацијата, неговите најблиски не зборуваа само за бројките, наградите и претставите. Тие зборуваа за човекот кој знаел да препознае некого, да му ја отвори сцената и да му даде шанса. А потоа да очекува од него да ја оправда довербата.