Однадвор крцкав, а одвнатре мек - компир кој се топи во уста

Состојки:

компири средна големина

маст

малку крупна морска сол

малку маслиново масло

1-2 лажици оцет

зачини (рузмарин или др. по желба)

малку бибер

малку лук по желба

путер

Подготовка:

Компирите излупете ги и ставете ги во посолена вода. Нека се варат 10-тина минути. Додека компирите се варат, рерната загрејте ја на 250 степени. Кога компирот ќе биде при крај со варењето, некои 3-4 минути пред крајот, во рерна ставете тепсија со маст за да се стопи, најдобро свинска маст.

Половично сварените компири исцедете ги и веднаш топли префрлете ги во тепсијата со стопената маст. Ставете во рерна да се печат 30 – 40 минути, додека не добијат фина румена боја.

Зачините насецкајте ги и натопете ги со малку маслиново масло. Додадете малку бибер и малку оцет и оставете да отстои.

По желба во ова може да додадете и малку истолчен лук.

Кога компирот фино ќе се зарумени, извадете го и секој од нив малку натиснете го. Тоа најдобро ќе го направите со алатка за гмечење компир.

Така згмечени, секој од компирите премачкајте ги со мешавината маслиново масло и зачини, ставете малку крупна сол и на секој ставете по малку путер.

Вратете во рерна да се запечат уште 15тина минути.

Послужете додека се топли.