Одмор во Охрид: Цените во ресторани и кафулиња исти, поскапени паркингот и лежалките на плажите

Охридското Езеро е еден од најчестите и најочигледните избори за летување на Македонците, но и на голем број странци.

Оваа година, речиси сите туристички капацитети се преполни, почнувајќи од хотелите, приватните вили, како и популарните кампови на брегот на ова езеро. 

Иако е излишно да се зборува за убавините кои овој град ги нуди, неизоставно е да се споменат прошетките во стариот дел, многубројните плажи, угостителски локали, преполни плажи и добро познатата борба за паркинг-место, макар и на бележаните површини каде се плаќа 30, 40 или повеќе денари од час. 

Цените во рестораните се исти како вообичаено - короната не влијаела врз нив. Единствено што влијае е популарноста на самото угостителско место, но и близината на брегот на езерото до него. 

Сепак, поскапување може да се забележи на паркинзите кај плажите. Во просек, паркинг за цел ден чини 100 денари, доколку се паркирате во Градиште, Славија, Метропол или некој друг од хотелите. Не се наплаќа кај плажата Лагадин, ниту пак во Љубаништа. Според редовните туристи, во 2019 година цената за паркирање била 50 денари. 

Поскапување може да се забележи и на лежалките. Ако некогаш беа 100-150 денари, овојпат тешко може да се најде лежалка поевтина од 200 денари. Така, за двајца, кои сакаат да пливаат кај плажата Немо или кај Градиште, Џангл, или покрај хотелските плажи, треба да се потрошат по 500 денари на секое одење на плажа. Начини да се избегне плаќањето постојат - има алтернативни места за паркирање, но се блиску до пат или предалеку од плажа, а пешачењето на силното сонце може да биде проблем за многумина.

Цените во сместувачките капацитети исто така многу варираат, зависно од локацијата. Многумина закупуваат камп-приколка на подолг период или пак имаат своја, како најекономичен начин за летување покрај Охридското Езеро. 

Што се однесува на плажите, во поголем дел тие се каменести, со покрупни и поситни камења на самото влегување во езерото. Доколку повеќе сакате песок, тогаш Љубаништа и Свети Наум се вистинскиот избор за вас.