Одложена расправата за крстот во Бутел

Закажаната расправа на Уставниот суд во врска со поставувањето на крстот во скопски Бутел е одложена без објаснување.

Судот како што е познато требаше да расправа во врска со уставноста на поставуањето на урбана опрема, односно 55-метарски крст на кружниот тек во скопската населба Бутел. Советниците Албанци од Општина Бутел, обвинија дека поставувањето на крстот не било изгласано со почитување на Бадинтеровото правило. Иницијативата за разгледување на случајот, до Уставниот суд ја поднесе градоначалникот на Струга, Зијадин Села.

Иницијативата за поставување на крстот дојде од Светскиот македонски конгрес, кој го донираше истиот. При поставувањето на темелите дојде до бурни реакции од страна на локалното албанско население поради што поставувањето беше одложено. Албанците протестираа и ги уништија темелите во знак на револт, обвинувајќи дека се работи за провокација.

Општина Бутел инаку е доминантно македонска населба во која живеат повеќе од 62 проценти македонско население, наспроти Албанците кои се една четвртина од вкупниот број жители.