Одлични карактери, високи професионалци: Ова се најуспешните жени менаџерки за 2017

Одлични карактери, високи професионалци кои треба да претставуваат поттик за младите генерации на жени кои се високо едуцирани и влегуваат во бизнис водите за да остваруваат високи резултати на менаџерски и лидерски позици.

Вака, Лидија Трипуновска генерална менаџерка на „Марили“, ги оцени избраните најуспешни жени менаџерки за 2017 на синоќа одржаниот 22. по ред избор на Топ 10 најуспешни.

Таа додаде дека оваа Топ 10-ка е дел од Марили бизнис клубот, кој што ги поддржува сите жени менаџери од досегашните избори кои заемно соработуваат, разменуваат идеи, искуства, но работат и на проекти.

- Се запознавме со нивните амбиции, идеи, планови, со нивните тимови, со катадневната битка за пласман и профит за високи резултати и со креативноста која ја внесуваат во своите проекти и дојдовме до вечерашната Топ 10 на најуспешни жени менаџери лауреатки на кои им оддаваме почит и признание, рече Трипуноска и додаде.

Годинашни добитнички на признанието се Пенка Мукаетова од Консалтинг Интер Груп, Лидија Таскова-Попова  „ЕСП“, Горица Дачевска ПЗУ „Др. Горица Дачевска“, Ирена Јакимовска „Комфи Ангел“, Јана Јанеска-Ристески Центар за современа ликовна уметност, Елена Табаковска „Фармаген“, Слаѓана Стаменкова „Елит Травел“, Александра Аргир од Пивара Скопје, Магдалена Трајковска-Трпевска генерален менаџер во Технолаб и Наташа Стојковска од „Витаминка“.

Тие доаѓаат од успешни компании од приватниот сектор, од различни области и дејност, од целата држава.

За да бидат дел од Топ 10-те најуспешни, треба да се добро прифатени во својата работна средина и тоа не само од менаџмент тимот, туку и од сите вработени, треба да бидат од различни области и дејности.

Досега се избрани 220 жени за најуспешни менаџерки во земјава. Секоја година се избираат традиционално по 10, а по повод 20 годишнината од организирање на изборот беа избрани 20 најуспеши менаџерки.

Годишаниот избор беше поддржан од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Покрај традиционалниот избор на 10-те најуспешни жени менаџерки, „Марили“ годинава по четврти пат го организира и Денот на здравјето. Насловен како „Дама Да“ ќе се одржи утре, а е во функција на современата жена.

На едукативниот ден ќе има предавање, презентации и хуманитарна аукција на слики,  а специјална гостинка е српската писателка Јелена Бачиќ Алимпиќ.