Одбраната за 2026 година добива историски највисок буџет - најголем дел ќе оди за модернизација на Армијата

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски вели дека модернизацијата на Армијата продолжува со максимално темпо и оти за таа намена е најголемиот дел од буџетот за одбраната за следната година којшто изнесува 358 милиони евра, за 27,7 милиони евра повеќе во однос на буџетот за годинава.

„Околу модернизацијата, поминавме многу договори, сите успешно ги затвораме. Стигнаа хаубиците, тоа е многу важен договор со Турција, останува уште дел од проектилите да стигнат наредната година. Исто така го завршивме и процесот во делот со нашиот стратешки партнер САД каде стигнаа последните ЈЛТВ возила и веќе имаме 96 лесни оклопни возила за потребите на нашата батаљонска група, а од друга страна, следната година стигнуваат и сите оклопни возила Страјкер“,  изјави синоќа Мисајловски во гостување на телевизија Телма.

Тој најави дека во првиот квартал следната година ќе биде првата испорака од ракетниот систем Мистрал согласно со договорот со Франција, како и дека ќе пристигнат два хеликпотери од  договорот со италијанскиот производител „Леонардо“, а потоа на секои три месеци ќе има искпорака и на други хеликоптери.

„Бидејќи имаме нови цели на способност со новиот буџет треба да почнеме да ги проектираме сите процеси за нова опрема за целата Армија“, рече Мисјаловски.

Направен е и нов договор Влада со Влада со САД, за програмата „Клиса“ со што ќе се одвојат 3,5 милиони доари за сите дополнителни резервни делови што се потребни за сите возила од американско производство. Тоа ќе овозможи ставање во функција на многу од старите возила. Ќе се реализираат  и неколку договори од над 20 милиони евра со кои ќе се овозможи со сите земји од НАТО да се прават заеднички симулациски вежби, а ќе се прави и нов центар за крипто заштита од над 6 милиони евра, нови радио уреди за сите операции и мисии, најави меѓу другото министерот.

Како што потенцираше, најголем дел од буџетот за 2026 година ќе биде за модернизација.

„Ако гледаме дека следната година ќе биде 358 милиони евра – најголем историски буџет, за разлика од оваа година, односно 27,7 милиони евра поголем буџет, но најважно е што најголем дел од овој процент ќе оди за капитални расходи, односно за модернизација. НАТО бара 20 проценти, ние ќе вложиме над 32 проценти, заедно со инфраструктурата што ја работиме се над 47 проценти. Тоа е сериозна сума директно за проекти и модернизација“, рече Мисајловски.