Одбиена граѓанската иницијатива за подолго породилно отсуство

Пратениците на СДСМ во Комисијата за политички системи го отфрлија доставениот текст од страна на Снежана Кузмановска, која што предвидуваше измени во Законот за работни односи, поточно промени на породилното отсуство за мајките од 9 на 18 месеци.

Поради појавување на техничка неправилност во текстот со која што пратениците од СДСМ го оправдуваа отфрлањето на иницијативата, предлагачот Кузмановска нагласува дека оваа иницијатива не треба да се отфрли поради чувствителноста на лицата потписници.

По предлог на ДИК исто така е доставен и акт со кој што треба да се исправи и корегира настанатата грешка и со тоа иницијативата да биде исправна. И покрај поднесениот акт, СДСМ оваа иницијатива ја отфрли како неуредна.

-Оваа грешка е забележана откако процесот за собирање на потписите започна, меѓутоа бидејќи се работи за лица потписници со чуствителен период од животот, имено мајки кои ги оставаат своите бебиња и деца за да го остават потписот, ДИК Скопје за да ни излезе во пресрет не информираше, односно советуваше да составиме АКТ со која би се корегирала грешката на тој начин што ќе ве известиме за истото преку актот, гласи дел од текстот што Снежана Кузмановка како овластен предлагач го доставила до Собранието.

На отфрлањето на оваа иницијатива реагираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски кој што преку социјалните мрежи посочи дека изминатиот период СДСМ лажно се удирала во гради дека ќе има слух за граѓанските иницијативи и дека по добивањето на власта се покажува нивното вистинско лице.