Одбележување на 18 и 19 Мај: Изложби, награди и бесплатен влез за Меѓународниот ден на музеите

Отворање на повеќе изложби низ музеите во Скопје и изложбените салони низ Македонија, поставки, настани, бесплатен влез за посетители и награди за музејските работници ќе го одбележат 18 мај – Меѓународниот ден на музеите и 19 мај – Европската ноќ на музеите во нашата држава.

Традиционално, во чест на овој ден, Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ) со цел да ја поттикне, да ја популаризира и афирмира музејската дејност во нашата држава распишува Конкурс за доделување на годишната награда за особени достигнувања во музејската дејност. Наградите за 2017, за Музеј на годината, Музејски проект на годината, како и Музејски работник и Надворешен музејски соработник, ќе бидат доделени во Музејот на град Скопје, утре (18 мај) во 14 часот.
„Музеите прават напори да останат релевантни чинители во општеството, тие го свртуваат своето внимание кон локалната заедница и кон различните групи коишто ја сочинуваат. Како резултат на тоа, во последните години сме сведоци на изникнувањето на бројни проекти од страна на музеите, во соработка со малцинските заедници, домородните групи и локалните институции. Со цел да ја ангажираат оваа нова публика и да ги зајакнат врските со неа, музеите мораат да пронајдат нови начини на интерпретирање и презентирање на своите колекции“, вели Маја Чанкуловска-Михајловска, претседателка на МНК ИКОМ.

Влезот во Музејот на Македонија утре и задутре (18 и 19 мај) ќе биде бесплатен, а посетителите ќе имаат можност, покрај постојните музејски поставки, да ја погледнат и изложбата на ликовни дела на Васко Ристовски. Како што најавија од Музејот, за оваа прилика, на посетителите ќе им биде подарена и по една публикација. Музејот на Македонија и годинава ќе учествува во манифестацијата “Ноќ на музеи“. „Овој значаен настан е посветен на движното културно наследство“, посочуваат од Музејот на Македонија, истакнувајќи дека утре (19 мај) во 21 часот ќе биде одржан концерт на групата “Next to Silence“, а музејот ќе биде отворен во ноќните часови, од 19 до 1 часот по полноќ.

“Од мој агол“ е насловот на изложбата која ќе се отвори утре (18 мај), во 13 часот, во Чифте амам. Изложбата претставува презентирање на најдобрите фотографии од децата со аутизам изработени во текот на организираното фотографирање кое било реализирано на повеќе локации во Скопје.

На 19 мај, пак, Националната галерија на Македонија, во “Мала станица“, со почеток од 20 часот ќе престави дела од опусот на еден од главните претставници на хрватската модерна уметност Влахо Буковац и други хрватски автори од истиот период.