Одбележани 78 години од формирањето на Првиот скопски партизански одред

Општина Карпош и Сојузот на борците денеска одбележаа 78 години од формирањето на Првиот скопски партизански одред.

Пред спомен обележјето во Карпош 3, делегации на Општина Карпош, Град Скопје, здруженија на граѓани и политички партии оддадоа почит кон оние кои го дале својот живот за слободна држава.

Пред присутните се обрати и градоначалникот Стефан Богоев, кој напомена дека ќе продолжи добрата соработка со Сојузот на борците, затоа што овие луѓе заслужуваат почит од целата заедница.

– Задоволство ми е што периодите од НОБ ги празнуваме заедно: институциите, граѓаните, Сојузот на борци. Зад нас го оставивме периодот на поделби и времето кога Сојузот на борците беше на маргините на нашето општество, нејзините претставници шиканирани, а сите ние претставувани како непријатели. Оние кои во крвта ја носеле и ја носат каузата дека „слободата е единствена алтернатива” се вистинските патриоти на нашата татковина, рече Богоев.

Пред присутните граѓани се обрати и проф. д – р Трајко Стаматовски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци. Тој сподели повеќе историски факти, говореше за биографиите на дел од членовите на Првиот скопски партизански одред: Дане Крапчев, Невена Георгиева – Дуња, Васил Антевски – Дрен, Роберт Гајдиќ, Раде Јовчевски – Корчагин и други.

Општина Карпош најави дека и во иднина ќе продолжи да го негува споменот на борците од Народно ослободителната борба (НОБ) и со должна почит да се однесува кон историјата.