По 20 години во државата се спроведува попис на население и објекти. Првпат освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Ова го забрзува целиот процес, што значи дека до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 треба да бидат објавени податоците – кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата. Ќе добиеме точна бројка колку не има во државата и каде сме точно распоредени, ќе се добие прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во интервју за МИА, вели дека по успешно спроведениот попис овој септември, нашата држава, во наредниот циклус на пописи околу 2030 година, ќе може да спроведе попис целосно базиран на регистри.
„Комбинираниот модел подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази. Вообичаено, овој комбиниран метод е преодна фаза меѓу класичниот попис и пописот базиран на регистри“, вели тој за МИА.
Симовски додава и дека според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности, но верува дека ќе успеат да ги завршат обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022 да бидат објавени податоците.
„За разлика од претходно, кога имавме првични, па следеше долг процес на внесување податоци, со овој процес сега ќе објави само дефинитивни конечни податоци“, нагласува тој.