Од утре нов сообраќаен режим во центарот на Скопје: Еве што се менува

Од утре стапува во сила нов сообраќаен режим во дел од централното градско подрачје, со цел подобрување на протокот на возилата и зголемување на функционалноста на сообраќајот.

Според најавените измени, сообраќајот од Јужен булевар кон Кисела Вода ќе се одвива по улицата што минува покрај кафеаната „Ив“, која станува еднонасочна. На оваа локација ќе биде поставен и нов семафор за лево вртење, со што ќе се овозможи приклучување кон улицата „Есенинова“ во правец кон Аеродром.

Промени има и на улицата покрај објектите на Пазарната инспекција, која води кон Тутунски комбинат. Иако и досега беше еднонасочна, отсега ќе функционира со обратен правец на движење.

Тоа значи дека од Јужен булевар повеќе нема да биде дозволено лево вртење кон Аеродром и Тутунски комбинат. Наместо тоа, возилата ќе се движат од правец на Тутунски комбинат кон Јужен булевар, со директен влез во подземната сообраќајница.

Како дел од измените, на улицата „11 Октомври“ е извршено и стеснување на коловозот. Наместо досегашните три сообраќајни ленти, по поставувањето на нова жардиниера, сообраќајот ќе се одвива по две ленти.

Надлежните очекуваат новиот режим да придонесе за подобра организација и поголема проточност на сообраќајот во овој дел од градот.