Од утре до 3 јуни Македонската филхармонија ќе организира три концертни настани

Од утре до 3 јуни Македонската филхармонија ќе организира три концертни настани.

 „Класиката го сретнува џезот“ е насловен утрешниот концерт од 20 часот на Квартетот тромбони на Филхармонијата, во состав: Димче Белчовски, Бранко Илиевски, Никола Ристевски - тромбони и Александар Ниниќ - туба. Гости на концертот ќе бидат Маријана Николовска на пијано и Славчо Коцев на тапани.

На концертот ќе бидат изведени атрактивни дела од Гершвин, Рубинштајн, Кармајкл, Давид, Хадад, Нихаус..., композиции кои, наведува Филхармонијата, се фантастичен микс од техниките на западната класична школа и џезот.

В петок од 20 часот ќе се одржи традиционалниот концерт „Младите доаѓаат“ со ученици од државните музички училишта во Македонија, на кој ќе се претстават млади, талентирани музички уметници кои по пат на аудиција се избрани да настапат како солисти со оркестарот на Македонската филхармонија. Диригент на концертот е Ле Фи Фи, а ќе бидат изведени дела од Глук, Аколаи, Моцарт, Лало, Хајдн, Лист, Сен-Санс, Росини, Хачатуријан...

Првпат во Македонија на 3 јуни ќе биде изведено спектакуларно 3Д Мапинг шоу, односно мултимедијален перформанс насловен „И коњите ги убиваат, зарем не?“, во копродукција на Македонската филхармонија и 3Д Проект студио.

- Покрај аудио и видеосензацијата, ќе биде вклучена и актерска игра, а во главната улога ќе настапи актерот Дејан Лилиќ. 3Д Мапингот е базиран на музички аранжман од Џијан Емин, но и од легендарните хитови на групата „Лед Цепелин“, испреплетени со музичките дела на Дмитриј Шостакович и миленикот на Кјубрик - Арам Хачатуријан. 3Д Мапингот и видео анимациите се дело на Милчо Узунов. Настанот е во режија на Златко Славенски, соопшти Македонската филхармонија.