Oд утре целосно нормализирање на железничкиот сообраќај

Од попладнево е прекинат бојкотот на машиновозачите откако се исполнети нивните барања - исплатен е вториот дел од февруарската плата и патни трошоци за март. 

Претседателот на Синдикатот на машиновозачи и претставник на машинскиот и извршниот персонал Тони Димовски во изјава за МИА потврди дека се исполнети нивните барања и дека од попладнево се очекува да биде нормализиран товарниот сообраќај, а од утре од 06 часот и патниот сообраќај. 

Синдикатот вчера имал средба со раководството на претпријатието на која им било ветено дека денеска ќе биде исплатена платата. 

Бојкотот на машинскиот и помошниот персонал во Железници на РСМ Транспорт траеше 12 дена, период во кој во прекин беше и патничкиот и товарниот железнички сообраќај.