Од стравот сме нервозни, од нервозите уморни, од уморот викаме по децата, а потоа нѐ гризе совеста...

Има една стара поговорка која вели: „Не дај Боже да ти се случи она што мајката го мисли.“

Секоја нова генерација го повторува истиот заклучок уште од моментот кога ќе се роди нивното дете, па сѐ до крајот на животот. Во секоја шега има пола вистина, а во оваа поговорка има и многу повеќе вистина.

На нас, родителите, многу би ни помогнала некоја сериозна статистика која објавува проценти кои се однесуваат на тоа дека нашите предвидувања, кои неподносливо потсетуваат на хорор филмови, НЕ се остваруваат. НЕ се остваруваат! Велат дека таа статистика е некаде околу 85%!

Денес, преку различни медиуми кои ни се достапни 24 часа, изложени сме на премногу негативни и загрижувачки информации. И тоа е најголемата промена во последните 10 години. Знаеме за маките на девојчето од Кина, кучето во Германија и човекот што возел автобус во Грција. Секако дека сочувствуваме, но не можеме да помогнеме. Информациите и немоќта, во комбинација, незабележливо се претвораат во страв и се вовлекуваат во нашите коски. Од друга страна, информациите предупредуваат за сѐ што може да се случи и постојано нѐ држат во состојба на готовност, што значи дека имаат своја цел.

И што ќе правиме со стравот кој нѐ има заробено?

Предложувам сите да направиме програма во главата, која информациите ќе ги преработува на поинаков, пореален начин. Тогаш, вестите, од кои е невозможно да се избега, ви звучеле вака: „Денес, милиони деца, ширум светот, на возраст од 8 до 18 години, безбедно стигнале дома од училиште, без надзор на родителите, одејќи по осветлени улици и минувајќи безбедно на пешачки премини. За жал, во мал град во северна Германија, едно девојче, од повеќе милиони деца кои оделе сами, доживеало сообраќајна несреќа...“

Или: „Денес, милиони деца отишле на екскурзија, возејќи се безбедно во 5 милиони автобуси и 5 милиони авиони ширум светот. Убаво си поминуваат со своите другари и другарки и создаваат спомени за цел живот. Така било цело време. За жал, еден од повеќе милиони автобуси кои превезувале деца во последните шест месеци, излетал од патот во Јапонија...“

Дали на тој начин се оградуваме од болката на семејствата во Јапонија? Не, затоа што немоќни сме да ја промениме информацијата која ни е сервирана, немоќни сме да помогнеме и не можеме да влијаеме на ситуацијата. Суштината на емоционална писменост, која во животот ни носи повеќе безгрижност, е да научиме дека влијанието на средината можеме да го поделиме на она влијание кога можеме да влијаеме на ситуации во животот и на влијанието на информациите за работи кои се надвор од нашата моќ на дејствување. Еве ја разликата.

Несреќата во Јапонија – не е наше поле на делување. Но, улицата во нашето соседство, на која ѝ недостасува семафор – е наше поле на дејствување. Организирајте ги соседите, пратете молба, викнете медиуми... и на тој начин, направете го овој свет, малку побезбеден.

Секое време ни носи промени и потреба да се прилагодуваме. Нам ни донесе повеќе информации отколку што ни се потребни. Како резултат на нашата неподготвеност, ние си дозволуваме себеси, додека нашето дете безбедно се санка, да очекуваме залутан воз да налета баш сега и баш тука. Од тие стравови, ние сме нервозни. Од тие нервози, ние сме уморни. Од тој умор, ние викаме по децата. И потоа не гризе совеста, итн.

Нашиот „среќометар“ воопшто не ни ја регистрирал среќата на тој потенцијално убав и весел ден, а сѐ поради нашите предвидувања, стравови и умор.

Режирајте ја својата фантазија на малку поинаков начин. Понекогаш не е сѐ во нашата глава, фантазија, предвидувања... Невеселата реалност нѐ гледа директно во очи и дрско и безобразно ни бара сила за да ја „свариме“. Но, дури и во тие моменти треба да се сетите дека животот е долг и дека секоја емоција мора да вака или онака да ни помине низ системот.

Сепак, најголемиот дел од чувствата навистина произлегуваат од нашите претпоставки за тоа што ни носи утрешниот ден. Надежта последна умира, ајде да се надеваме дека нешто добро ќе се случи, а во меѓувреме да бидеме внимателни и одговорни.

Еден познат психолог рекол дека неговата мајка на својата смртна постела најмногу се каела за сето време коешто го поминала во страв за здравјето и иднината на својот син и не уживала доволно во неговото детство, а нејзиниот син единец имал 50 години и бил здрав, образован и успешен.

Мислете на тоа.