Од страв дека ќе бидат казнети поради поставување ќумбиња на отворено, голем дел од домаќинките престанаа да подготвуваат зимница

Септември и октомври месеци кога наголемо се прави зимница. Ајвар, лутеница, пинџур, малиџано, руска салата, царска... Домаќинките се спремаат за долгата зима, која за неколку месеци ќе пристигне.

Но, колку граѓаните се придржуваат до правилата кога е во прашање поставување на ќумбе на отворено и палење огин на јавна површина?

Уривање на македонската традиција или заштита на природата – граѓаните поделени околу казните за правење ајвар пред зградите.

Дел од граѓаните се револтирани и велат дека ќе ја продолжат традицијата и покрај казните, бидејќи домашниот ајвар е најисплатлива опција.

Законот за јавна чистота од 2008 година предвидува 50 евра казна за поставување ќумбе на јавна површина и оставање неред. Тоа би значело дека правењето ајвар на дворските површини на зградите и во парковите околу нив не е дозволено. Дел од граѓаните пак, велат дека казните се потребни.

Во одредени општини, во кои доминираат куќи помала е и веројатноста за казнување.

Ако во минатото есента служеше за правење на зимница, особено на ајвар, од година на година ова повеќе не важи. Трендот за правење на ајвар кај домаќинките избледува, а истиот го заменуваат со оној во маркетите.

Недостаток на време или пак недостаток на желба, се едни од причините зошто домаќинките повеќе не сакаат да се заморуваат со печење, лупење на пиперки.

“Зошто да се мачиме со денови кога секој вид на зимница има по маркетите”, се најчестите изговори.

За оваа реагираат и продавачите и производителите кои велат дека побарувачката особено на зеленчукот, кој е потребен за правење на зимница е намалена и секоја година се намалува се повеќе.