Од следната недела, нови правила за превозниците во ЕУ: Тахографи ќе се потребни и за лесни товарни возила

Од 1. јули стапуваат на сила нови европски прописи кои ќе влијаат врз дел од компаниите и возачите што се занимаваат со меѓународен превоз на стока, кои следат како дел од напорите на ЕУ за зајакнување на контролата во транспортниот сектор и подобро следење на работата на професионалните возачи.

Според новите правила, сите комбиња и лесни товарни возила со вкупна дозволена маса од 2,5 до 3,5 тони, заедно со приколката, кои вршат прекуграничен превоз, ќе треба да поседуваат паметен тахограф од втора генерација, кој автоматски ќе регистрира кога возилото преминува државна граница, каде се врши товарење и истоварување на стоката, како и активностите на возачот во текот на патувањето.

Обврската се однесува на сите субјекти што вршат меѓународен транспорт на стока или каботажни операции во земјите-членки на Европската Унија. Со тоа, европските регулатори ја прошируваат примената на системот за контрола и врз помалите товарни возила, кои досега не беа опфатени со овие барања.

Исклучок ќе бидат возилата што превезуваат материјали до градилишта и работат во радиус до 100 километри од матичната база, како и  одредени некомерцијални превози и транспорт на рачно изработени производи.

Покрај земјите од ЕУ, мерките ќе се применуваат и во Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Велика Британија.