
Големите готовински плаќања во деловниот сектор на Европската Унија ќе бидат ограничени од 10 јули 2027 година, кога почнува примената на новите правила за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Со новата регулатива, трговците и давателите на услуги нема да смеат да примаат готовина за плаќања во износ од 10.000 евра или повеќе. За трансакции со таква вредност ќе треба да се користат други начини на плаќање, меѓу кои банкарски трансфер или платежна картичка, пишува „Феникс“.
Станува збор за Регулативата (ЕУ) 2024/1624, позната како регулатива за спречување перење пари (AMLR), која ќе важи непосредно во сите земји членки на ЕУ.
Правилата ќе го опфатат и обидот за избегнување на ограничувањето преку поделба на една поголема сума на неколку помали готовински плаќања. Доколку тие се дел од истата деловна трансакција, нивните износи ќе се пресметуваат заедно.
Предвидени се и дополнителни проверки за одредени готовински плаќања во вредност од 3.000 евра или повеќе. Во таквите случаи може да се побара документ за идентификација, како лична карта или пасош, согласно со прописите за спречување перење пари.
Сепак, ограничувањето нема да важи за сите видови купопродажба. Продажбите меѓу физички лица кои не вршат деловна или професионална дејност се исклучени од ова правило. Тоа значи дека, на пример, при купување половен автомобил од друго физичко лице кое не настапува како трговец, ограничувањето за готовински плаќања во деловниот сектор нема автоматски да се применува.