Од сите места кои ги напуштам, моето Скопје ме боли највеќе

Од сите места кои ги напуштав, Скопје ме болеше највеќе. Само кога го напуштав мојот роден град, не можев да погледнам назад и да си кажам дека ќе биде подобро.

Иако знам дека ќе биде подобро и дека со мојата диплома немам што да правам во Скопје. Долго се обидував да го најдам своето место под сонцето, некои од моите пријатели заминаа уште одамна, други се снајдоа во Скопје, трети уште се надеваат дека ќе биде подобро. Јас престанав да се надевам.

Не сакав да се поздравам со моите најдобри другари, не сакав да мислам на Плочник-местото каде го поминав своето детство и тинејџерски години, не сакам во очи да им погледнам на моите родители кои не сфаќаат зошто заминувам. Заминувам со грутка во грлото, знам дека ќе имам многу можности, но ќе го немам Скопје.

Во врнежливите ноќи додека сум тука во овој град во кој носам џемпер и на лето, се сеќавам на жешкиот асвалт во Скопје и топлите ноќи кога градот спиеше, а јас сонував за големи нешта.

 Уште од 9 години посакував да сум научник, да го менувам светот и да помагам за подобар свет. На 18 години кога се запишував на факултет во Скопје, мислев дека не постои друго место од мојот роден град и држава да го направам тоа. Имав одличен успех, учев и вложував да имам добри вештини за работа. Не беше лошо, се надевав. На 23 години ја запознав љубовта на мојот живот, девојката која ја засакав повеќе од сите други претходно. На 26 години, решив дека е време да ги земам своите желби, победи и порази, да ги спакувам во куферот по димензии на ВизЕр и да заминам.

Често седам во тишина, улиците се тивки, луѓето не зборуваат премногу, сè е некако како што треба да биде, но Скопје ми недостасува секој миг. Се прашувам можеше ли да биде поинаку? Дали зависеше од мене, од политиката, од моите родители? Што требаше да се случи за да останам? Немам одговор на тоа прашање. 

Можеби еден ден моите деца ќе дојдат во Скопје и ќе го изградат тоа што јас имав план да го постигнам. Можеби.