Од септември во општина Арачиново ќе биде отворено ново основно училиште

 Од септември во општина Арачиново ќе биде отворено уште едно основно училиште кое ќе го носи името „Абдил Фрашери“ и ќе организира настава за ученици од прво до деветто одделение. Одлуката ја донесе Владата на предлог на Министерството за образование и наука.

-Целта е растоварување од работа на постојното училиште „Ѓерѓ Кастриот-Скендербеу“ кое е едно од најголемите во државата и обезбедување поквалитетна настава за основците во оваа општина, чиј број постојано се зголемува. Комисија формирана од министерот за образование и наука Јетон Шаќири веќе констатираше дека новото училиште ги исполнува сите законски одредби и стандарди кои се однесуваат на просторните услови и наставниот, стручниот и техничкиот кадар и може да почне со работа од учебната 2022-2023 година. Новиот правен субјект, односно училиштето „Абдил Фрашери“ кое се формира на иницијатива на советот на општината, ќе функционира во објект кој досега беше надлежност на ОУ „Ѓерѓ Кастриот Скендербеу“, од каде ќе бидат преземени 80-ина вработени, соопшти МОН.

Училишниот објект е со вкупна површина од над 2300 квадратни метри со 22 училници, наставничка и други канцеларии, спортска сала со соблекувална, соодветен санитарен простор, надворешни помошни простории и двор од 7100 квадратни метри.

Новата учебна година во ова училиште ќе ја почнат 1132 ученици од прво до деветто одделение во 46 паралелки. Од нив, 972 ученика ќе посетуваат настава на албански јазик во централниот објект, во 36 паралелки, додека во подрачното училиште во село Орланци ќе има 160 ученици во 11 паралелки од кои 155 ученици на албански наставен јазик во 10 паралелки и пет ученици на македонски наставен јазик во една комбинирана паралелка.

– Министерството за образование и наука верува дека општина Арачиново под чија надлежност ќе биде училиштето заедно со училишното раководство и вработените добро ќе го менаџира воспитно-образовниот процес и ќе овозможи континуирано подигнување на квалитетот на наставата, што ќе значи создавање на што поквалитетни ученички генерации во иднина. Посакуваме успех во работата и уверуваме дека МОН ќе биде силна поддршка во работата на училиштето и на општината во областа на образованието, информира Министерство за образование и наука.