
Мишо Ковач, еден од најпопуларните пејачи на поранешна Југославија, кој почина денеска на 85-годишна возраст, зад себе остави повеќе од 20 милиони продадени плочи и песни што со децении ги пеат различни генерации. Но, пред да стане препознатлив по далматинските балади, темните очила и мустаќите, неговата музичка приказна започнала сосема поинаку, со рок-музика, песни на Реј Чарлс и помош од легендарниот интерпретатор на севдалинки Химзо Половина.
Роден во Шибеник на 16 јули 1941 година, Мишо во младоста бил голем љубител на фудбалот. Завршил индустриско училиште, каде што изучувал тапетарски занает, а неговата првична музичка инспирација не била далматинската песна, туку американските музички ѕвезди, особено Елвис Присли и Реј Чарлс.
На почетокот на шеесеттите години настапувал на аматерски натпревари, а првите позначајни успеси ги постигнал додека служел војска. Во 1962 година победил на пејачки натпревар во Зрењанин, а потоа и на натпревар за аматери во Белград.
Еден од најинтересните детали од неговата кариера е поврзан со Химзо Половина. Во својот прв интервју за „Шибенски лист“ од 1965 година, Ковач раскажал дека токму познатиот пејач на севдалинки го слушнал во Загреб и го запознал со Перо Готовац, музички уредник во „Југотон“. Таа средба му ја отворила вратата кон снимањето на првата плоча.
Во 1964 година ја објавил својата прва плоча, со обработка на песната „I Can't Stop Loving You“, популаризирана од Реј Чарлс, под наслов „Ne mogu prestati da te volim“. Малкумина денес го поврзуваат Мишо Ковач со американската соул-музика, но токму таа имала значајно влијание врз неговите почетоци.
Во истото време настапувал и со шибенската рок-група „Магнети“, една од првите електрични групи во Далмација. Во 1965 година, Ковач и членовите на групата организирале два хуманитарни концерта за помош на фудбалскиот клуб Шибеник, кој тогаш се соочувал со сериозни финансиски проблеми. Целиот нето-приход бил наменет за клубот, а на слична акција ги повикале и Арсен Дедиќ и Вице Вуков.
Големиот пресврт во неговата кариера се случил во 1969 година, со песната „Više se nećeš vratiti“, дело на тогаш младиот композитор Ѓорѓе Новковиќ. Синглот бил продаден во речиси 190.000 примероци, а Ковач истата година станал најпродаваниот пејач на „Југотон“.
Две години подоцна, со „Proplakat će zora“, победил на Сплитскиот фестивал и го зацврстил статусот на една од најголемите музички ѕвезди во Југославија.
Но, токму во 1971 година доживеал тешка сообраќајна несреќа во близина на Задар. Несреќата му оставила лузна над горната усна, поради што решил да пушти мустаќи за да ја прикрие. Така настанал еден од неговите најпрепознатливи белези, кој подоцна, заедно со темните очила, станал дел од неговиот сценски имиџ.
Интересен е и податокот дека Мишо Ковач имал кратко искуство и во филмот. Во 1972 година се појавил во југословенското остварување „Poslijepodne jednog fazana“, во кое настапувал и Раде Шербеџија.
Истата година, за време на престој во Њујорк, присуствувал на концерт на Елвис Присли во „Медисон сквер гарден“. Особено силен впечаток му оставила изведбата на „My Way“, која подоцна ја споменувал како едно од своите најзначајни музички доживувања.
Во следните децении се нижеле хитовите „Ostala si uvijek ista“, „Ako me ostaviš“, „Svi pjevaju, ja ne čujem“, „Ti si pjesma moje duše“ и многу други. Неговите концерти привлекувале илјадници луѓе, а карактеристичното подигнување на двете раце и препуштањето на песната на публиката станале негов заштитен знак.
Зад огромната популарност стоел и тежок личен живот. Особено го погодила смртта на неговиот син Еди во 1992 година, по што поминал низ еден од најтешките периоди и извесно време се повлекол од јавноста.
Според податоците на дискографската куќа Croatia Records, Ковач во текот на кариерата продал повеќе од 20 милиони плочи и други музички носачи, со што се вбројува меѓу најпродаваните музички изведувачи на овие простори. Во 2012 година ја добил наградата „Порин“ за животно дело.
Од младиот пејач кој изведувал песни на Реј Чарлс и настапувал со рок-група во Шибеник, до музичар чии песни ги пееле цели стадиони, Мишо Ковач изгради кариера што остави траен белег во музичката историја на поранешна Југославија.