Од понеделник треба да почне грејната сезона

Од понеделник, 15 октомври треба да почнува регуларниот период од годинешнава грејна сезона кога испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.

Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната Комисија за Енергетика на Република Македонија – РКЕ.

-Доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 +1 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците. При одредени атмосферски услови на доволно топло време кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на високи надворешни температури, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, греењето повторно се вклучува.

За сите детали за испораката на топлинска енергија, потрошувачите може да се информираат на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk (Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија Прилог 3), или да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 3076-200 или преку е-пошта на: contact@beg-snabduvanje.com.mk;