Од понеделник повторно се очекува значително намалување на цената на горивата во Македонија

Вчерашното тргување на берзата во Лондон ја спушти цената на суровата нафта од типот „брент“ која се увезува и во Македонија за цели 3,44% или скоро 2 долари за еден барел на ниво од 59,5 долари.

 Намалувањето на цените следи по скокот на почетокот од неделата кога еден барел ја надмина границата од 62 долари.

Во Македонија корекција на малопродажните цени на нафтените деривати ќе се изврши во понеделник, а доколку нема некои посериозни ценовни шокови, за очекување е горивата да поевтинат.

Просекот за претходните две недели кој на 26 ноември го пресмета Регулаторната комисија за енергетика изнесува 63,74 долари за барел. Тоа се над 5 долари повеќе од денешната цена и извесно е дека просекот за претходните две недели ќе биде на пониско ниво, особено ако се има предвид дека во ниту еден ден од тргувањето минатите две недели ова ниво не беше достигнато.

Во вакви услови за очекување е намалување на цената на нафтените деривати за не помалку од 2 денари по литар.