Од понеделник нова цена на горивата во Македонија

Од понеделник Регулаторната комисија за енергетика ќе ги утврдува цените на нафтените деривати по новата методологија, која регулаторите треба да ја донесат во следните два дена.

На прес-конференција посочија дека со неа цените ќе бидат пониски од оние што се одредувале со старата, а придобивки ќе имаат и граѓаните и трговците.

Од РКЕ велат дека ќе одредуваат максимални цени, над кои нема да може да оди ни една компанија, а трговците ако сакаат ќе можат да конкурираат меѓу себе со пониски цени. Наместо на 14 како досега, цените ќе се определуваат на седум дена, со цел да се намали ризикот на трговците, и да прават поточни планирања.

Маржата со новите правила ќе биде под 4,8 денари и според претседстел на РКЕ Марко Бислимовски, таа ќе им гарантира разумен профит на трговците.

-Ние добивме барање од компаниите транспортниот трошок да изнесува 0,8 и 0,85 денари, ова е бизнис кој ние не го регулираме, но во изминатиов период правевме сериозни анализи, и нема да биде прифатено ниту едното, ниту другото барање. Во однос на маржата добивме барање од 6,2,  6,5 денари и ткн. Ова се однесува на малопродажната маржа. Таа ќе биде под пет денари. Тие си ги кажаа своите барања, ние си правиме наши анализи, а ако треба да ги прифаќаме барањата на сите компании, тогаш нека нема РКЕ, секој нека си кажува какви сака цени и нека си тераат работа. Ќе направиме методологија која ќе им овозможува на трговците да остваруваат разумни профити, и тоа е во ред, немаме проблем со тоа, рече Бислимовски.

Со новиот Закон за енергетика, покрај регулирањето, една од главните цели е и обезбедување сигурност во снабдувањето и конкуреност на нафтениот пазар. 

Значаен раст на цените на нафтата е забележан во последните неколку дена, а барел во петокот стаса до 73 долари. Причината за растот е намалената понуда и загриженоста околу новиот прекин на испораката за Блискиот исток поради тензиите. Растот на цената на нафтата впрочем сега и многу повеќе треба да не засега, затоа што поскапувањето или поевтинувањето директно и најмногу влијае на формирањето на цената на дериватите кај нас.

Во петокот цената на северноморската нафта од типот брент порасна за 43 центи на 73,05 долари за барел, објави Блумберг и потстети дека „брентот“ оваа недела зајакна за дури 3 проценти.

Американската „лесна“ нафта поскапе за 60 центи и стаса до ниво од 63,47 долaри за барел. Американските санкции против Иран дополнително го намалија извозот на сурова нафта од таа земја членка на ОПЕК, што дополнително допринесе за намалување на понудата на „црното злато“.