Следниот месец ќе биде пуштен во употреба реконструираниот регионален пат од село Петровец до Катланово во должина од 5,3 километри. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески беше во обиколка на работите на овој пат чија реконструкција почна во октомври минатата година и за што ќе бидат потрошени 34 милиони денари.

– Овој патен правец беше во исклучително лоша состојба и неминовно беше да се направи негова реконструкција. Тоа е важно за жителите на Петровец, Катланово и ‘Ржаничино, како и за сите кои го користат овој алтернативен пат од автопатот – рече Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, изјави дека до мај треба да биде завршена и рехабилитацијата на автопатот А1 од Петровец до Миладиновци и на државниот пат А4 – делница од Кадино до Хиподром.

– Во овој момент шест патни правци во вкупна должина од 58 километри и вредност од 304 милиони денари што се почнати минатата година се завршуваат и тие се со рамковната спогодба од ЈП за државни патишта. Исто така минатата недела завршена е рехабитилацијата на патот од Дебар до Блато – рече Китанов.

Тој информираше дека завршено е и комплетното осветлување на Хиподром – клучка Белви и клучка Кадино каде што се поставени 276 канделабри со 585 светилки во вредност од 61 милион денари.

Министерот Сугарески појасни дека оваа година почнуваат градежни активности за реконструкција на 30 патишта во вредност од над милијарда денари.

– До крајот на годинава се очекува да бидат завршени работите за патни правци по тој основ во износ од 476 милиони денари. На терен веќе завршува реконструкцијата на шест делници во должина од 58 километри во што се вложени 304 милиони денари, почнати минатата есен – нагласи Сугарески.