Од петок карти за натпреварот Вардар-Динамо Загреб

ФК Вардар денес излезе со официјално соопштение во кое се вели дека дефинитивниот термин за одигрување на натпреварот во рамките на квалификациите за Лигата на шампиони против хрватскиот шампион Динамо Загреб, е 12-ти јули (Вторник). Почетокот на натпреварот е закажан во стандардниот термин 20 часот и 45 минути. Вардар ќе биде домаќин на Динамо на Националната арена „Филип Втори“ и во првиот натпревар ќе се обиде да заработи предност пред реванш натпреварот недела дена подоцна во Загреб.

 ФК Вардар информираше дека билетите за натпреварот ќе можат да се купат од 1-ви јули, петок. Тие ќе бидат достапни на продажните места на Тикет-плус или онлајн на веб сајтот ticketplus.mk. Промотивната цена на билетите од 1-ви до 6-ти јули ќе биде само 100 денари за сите трибини, додека потоа ќе биде дупло поголема, односно 200 денари.