Од овој викенд повторно се враќаат пеколните температури- низа препораки за заштита

Согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, од овој викенд температурите ќе достигнат и над 40 степени.

За граѓаните од целата држава потсетуваат дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Републичниот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП) апелира до возачите, велосипедистите и пешаците да избегнуваат патување во периодот од 12 до 16 часот. Исто така, да консумираат повеќе течности и да прават почести паузи.

„Високите температури предизвикуваат пад на концентрацијата и дефокусираност, чувство на паника, несигурност и раздразливост кај возачите и останатите учесници во сообраќајот, а топлото време и високите температури го продолжуваат сопирачкиот пат на возилото, за што е неопходно е да се држи безбедно растојание меѓу возилата и да се почитуваат ограничувањата за брзината. Да не се вози слалом, да не се пристигнуваат колони со возила и пешаци“ препорачуваат од РСБСП.

Од РСБСП апелираат возачите да покажат повисоко ниво на толеранција кон пешаците и велосипедистите, и во духот на сообраќајната култура и личниот бон тон, секој возач треба да има предвид дека пешаците и велосипедистите се тие кои се директно изложени на жешкото сонце.