Oд организацијата на Суперкупот се очекува Македонија да заработи 20 милиони евра

Македонската економија ќе има позитивен ефект од одржувањето на Суперкупот на Европа кој ќе се игра на 8 август во Скопје. Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед ќе се борат за трофејот.

Атрактивните екипи се магнет за многу навивачи кои планираат да дојдат во Македонија за време на овој меч.

Според прогнозите, турнистите кои специјално ќе бидат во земјава за мечот од Суперкупот ќе потрошат меѓу 15-20 милиони евра. Тие пари ќе бидат „оставени“ во хотелите, рестораните, за посета на културните знаменитости, транспортсни услуги, шопинг центри... Ова се проценките на порталот „Маркетинг 365“, пренесува Фудбалската федерација на Македонија на својата интернет страница.

Македонија ќе добие и бесплатна туристичка промоција од многуте новинарски куќи кои ќе дојдат да го проследат мечот.

„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан" - изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

 

Извор: спортмедиа.мк