Од Ново Лисиче до Саем со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути

Кон крајот на март годинава градоначалникот Шилегов на прес-конференција го најави новиот инфраструктурен проект за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар.

Новиот мост ќе го поврзува булевар АСНОМ кај хотелот Русија, преку Вардар, и ќе минува низ населбата Ќерамидница се до раскрсницата кај скопското сајмиште.

– Новиот проект освен нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2.170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз. Пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и истиот ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно. Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ Бисер со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено – велат од Град Скопје.

Проектот е предвиден во ГУП од 1965-та година, а досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост се ќе чини 16 милиони евра од кои 8 милиони за градежни работи а 8 милиони за експропријација и се очекува да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.