Од ноември до сега општина Центар издала 37 правосилни одобренија за градење

Општина Центар минатата година започна со објавување на полугодишни извештаи за издадените правосилни одобренија за градење, доградба и надградба и линиска инфраструктура на територија на општината.

Од месец ноември 2022-ра година, заклучно со месец мај 2023-та, издадени се вкупно 37 правосилни одобренија за градба, од кои 27 се одобренија за градба, 2 одобренија се за линиска инфраструктура, односно улици и 5 одобренија се за доградба/надградба на веќе постоечки објекти.

- Општина Центар е првата општина во државата која ја воспостави оваа практика со објавување на издадените одобренија за градење, истовремено поставувајќи позитивен пример и за останатите општини како во Скопје, така и во целата земја, велат од локлната самоуправа. 

Минатата недела државната Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер го објави својот Извештај за извршената проверка на објавените документи и информации од општините и центрите за развој на плански региони во Република Северна Македонија и ја рангираше Општина Центар како најтранспарентна општина во скопскиот регион.