Од наредната недела невакцинираните возрасни Грци ќе плаќаат парични казни

Казна од 100 евра месечно ќе се воведе следната недела во Грција за сите граѓани над 60 години кои нема да се вакцинираат против ковид-19 до недела, кажа министерот за здравство Танос Плеврис.

Тој појасни дека ќе бидат поштедени само оние кои се пријавиле за изземање од вакцинирањето од медицински причини, а нивното барање е прифатено или сè уште се разгледува. Според генералниот секретар на Агенцијата за примарно здравство Мариос Темистоклеус, крајно ретко е да постои медицинска причина за невакцинирањето.

„И ако некои имаат контраиндикација на еден тип вакцина, тие можат да се вакцинираат со друг тип“, кажа тој.

Откако беше најавено задолжителното вакцинирање, повеќе од 180.000 луѓе над 60 години се пријавиле за првата доза.