Од наредната недела ќе почне новогодишното украсување на Скопје

Од наредната недела ќе почне новогодишното украсување на Скопје. Предвидено е со новогодишни украси и светилки да бидат украсени главните булевари, улици и плоштади.

Плоштадот Македонија пак ќе биде претворен во божикно село, во кое ќе има 60 куќарки, на кои ќе се продаваат подароци, храна и пијалоци. Елката ќе стои во средината на плоштадот, а подножјето ќе биде шанк на кои граѓаните ќе може да седат. Ќе биде поставен и топ за вештачки снег.

„Новогодишната програма ќе почне на 7 декември и на малата сцена секој ден ќе има програма. Вечерта на 31 декември ќе има дочек на Нова година на плоштад, а за тоа кој ќе ги забавува граѓаните дополнително ќе информираме. Ќе создадеме една вистинска новогодишна атмосфера“, рече градоначалникот Петре Шилегов, за СДК

За украсувањето и новогодишната програма од буџетот се одвоени 16 милиони денари. Шилегов рече дека до крајот на неделава ќе биде склучен договорот со фирмата која ќе украсува и тогаш ќе се знае колку точно ќе чини украсувањето.