Од наредната година ново матично во Ѓорче

Во склоп на новата општинаска зграда која се гради во Општина Ѓорче Петров, предвидено е и сместување на матичната служба. 

Од општината се оптимисти и велат дека првите венчавки во новите простории на Општина Ѓорче Петров ќе се организираат веќе на пролет. Новиот објект ќе има 150 квадратни метри за новата сала за матично, а бараките во кои до сега беше сместена ќе се пренаменат во канцеларии во кои ќе се вселат урбаните заедници. Бараките претходно ќе бидат реновирани и адаптирани за новите потреби. 

-„Објектот е речиси готов. Фасадата е при крај, а паралелно се вршат и градежни зафати во зградата. Периодов се работи на поставување електрични и водоводни инсталации, се лепат плочки, се завршува и со некои груби градежни работи. Наскоро ќе се набави и потребниот мебел и другата опрема, а ќе се искористи и дел од таа што ја користиме“, вели Момо Николовски, портпарол во Општина Ѓорче Петров.

Според прогнозите, новиот објек ќе биде пуштен во употреба на почетокот на наредната година. Покрај простоии за административните потреби на локалната самоуправа, објектот предвидува и мини-музејска поставка. Во неа, во чест на јубилејот на општината ќе бидат поставени слики, носии и етнолошки детали поврзани со Општина Ѓорче Петров. 

Градежните работи ги изведува компанијата „Трансмет“ на своја сметка, за да за во зврат ја добие парцелата на кружниот тек, спроти трговскиот СП Планет. На таа локација инвеститорот ќе гради трговски центар на површина од 30 000 метри квадратни и подземен паркинг за потребите на истиот со капацитет од 350 возила.