Од „На точак“ бараат бараат ЗОНА 30 да е стандардот со цел побезбедни градски и општински улици

„На точак“ - групата на ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје секогаш се гласни кога станува збор за сообраќајната култура. 

По сообраќајната несреќа во скопски Карпош каде беше прегазена 24-годишна девојка, повторно се огласија барајќи систематски пристап за побезбедни градски и општински улици.

-Темата за улици дизајнирани за ПОСАКУВАНИТЕ брзини станува актуелна секогаш кога ќе се изгуби човечки живот. Но, освен поединечни чекори како патната диета на булеварите „Климент Охридски“, „Кочо Рацин“ и „Кирил и Методиј“ (со која тие добија велосипедски ленти, но со која и лентите за автомобили станаа ленти за 50 km/h, наместо за 90 km/h) и редизајнот на ул „Орце Николов“ (со кој од улицa за 50 km/h стана улица за 30 km/h), СИСТЕМСКИ ПРИСТАП за побезбедни градски и општински улици нема, велат оттаму. 

Потенцираат дека недостасува визија, стратешки насоки кои ќе важат за секој проект, за секоја улица, за секоја општина.

-Додека имаме вакви прогресивни примери, паралелно ни се случуваат и регресивни практики, односно се градат или реконструираат улици за големи брзини на автомобилите, велат од „На точак“ надевајќи се дека тоа ќе се промени со изработката на документот #ВизијаНула од Град Скопје. 

Тие бараат ЗОНА 30 да е стандардот, а 50 km/h исклучокот за градска средина, а не обратно.