Од мај повратот на ДДВ ќе биде над 2.000 денари

Пратениците дадоа зелено светло за измените и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица, напиша на социјалните мрежи Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи.

Со оваа измена, како што дополнува Лукаревска, се овозможува зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ-то од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје.

-Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари – март 2023 година, потенцира Лукаревска.

Ова го потврди и премиерот Димитар Ковачевски. 

-Повеќе пари за граѓаните со зголемениот поврат на ДДВ.Пратениците од мнозинството ги изгласаа законските измени за зголемување на прагот на поврат на дел од ДДВ-то од 1.800 на 2.100 денари за едно тримесечје. Првите зголемени суми граѓаните кои скенираат сметки преку апликацијата #МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во периодот јануари-март 2023 година, пишува Ковачевски во објава на својот фејсбук профил.