Од јуни граѓаните ќе можат по електронски пат да ги надополнуваат картичките Скопска

Од јуни граѓаните ќе можат по електронски пат да ги надополнуваат картичките Скопска за возење во јавниот превоз. Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков вели дека во тек е изработка на напредна смарт апликација, која треба да биде ставена во употреба кон почетокот на летото, пишува СДК. 

Сега картичките се надополнуваат само во билетарите на јавното претпријатие, трафики и дуќани низ градот.

„Паралено ќе биде извршена и надоградба на системот за електронска локација на возилата. Со тоа ќе се овозможи попрецизно и визуелно информирање на граѓаните за полесно планирање на патувањето. Граѓаните ќе знаат на која локација се наоѓа автобусот кој го чекаат и како се движи“, вели директорот Чушков.

Електронскиот билет за едно возење ќе се воведе од април, а која ќе биде неговата цена сè уште не е одлучено.

ЈСП „Скопје“ вчера потпиша договор со Европската банка за обнова и развој за кредит во висина од 10 милиони евра за купување на нови еколошки автобуси на гас. Овие 10 милиони евра ќе бидат само за набавката на возилата, а за ДДВ и транспортот, претпријатието ќе обезбеди дополнителни 2 милиони евра.

Поголем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни, а преостанатите ќе бидат единечни. Ќе имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните. Во автобусите ќе има валидатори на најмалку два места во возилото, за разлика од сегашните кинески и украински каде валидатор има само на предната врата.

„Анализите кои ги направивме додека низ градот на тест период возеа автобуси на гас од неколку производители, покажаа дека трошоците за гориво ќе се намалат двојно. Со тоа ќе заштедиме на трошоците за гориво, одржувањето и резервните делови на новите автобуси, а парите да ги искористиме за натамошно инвестирање и унапредување на услугите на претпријатието“, вели Чушков.