Од идната недела инспекција ќе влезе во Кошаркарската федерација откако селекторот на младите кошаркарки Горан Андреевски имаше шокантно сведочење. Ова го најави министерот за спорт Борко Ристовски на денешната прес-конференција.
„Она што можеме да го кажеме е дека изјавите на селекторот се доста загрижувачки и ќе направиме се што е во наша моќ, во најбрзо време, можеби и идната недела да испратиме инспекција во федерацијата за да ги провериме тврдењата на селекторот дали се точни и дали се потрошени сите средства кои ги добиваат федерациите од државата, на вистинско место“, истакна Ристовски.
Посочи дека како министерство не планираат да се мешаат во внатрешните работи на ниту една федерација и немаат намера да учествуваат во било какви дебати со било кој од засегнатите страни. Доколку се утврди било каков пропуст од КФСМ, Ристовски верува дека тие ќе бидат санкционирани.
Инаку, по вчерашните обвинувања од Андреевски за условите, демант пристигна од КФСМ и од хотелот „Континентал“ каде биле сместени младите репрезентативци.