Од хаосот секогаш се раѓа мир кој никој никогаш не успеал да го опише со зборови

Размислував за тоа дека на 17 години бев сигурна дека на 27 години потполно ќе го сфатам животот, дека ќе знам која сум и во која насока се движам. Често се случува да не знам ниту една од овие работи.

Често сум изгубена, а во моментите на целосна изгубеност не сум ни свесна каде се наоѓам. Единствено сум сигурна во зборовите, а сите знаеме дека делата кажуваат многу повеќе.

Се вратив на старата лоша навика – повторно пушам цигари. Често сум нервозна. Одамна не сум почувствувала толкава доза на нервоза. Кога не пушам цигари, грицкам нокти и ме боли главата.

Истовремено ми се случува нешто толку убаво што морам да се уверам дека не сонувам. Некои денови ми се целосно нестварни. Се селам од еден агол во друг – еден миг стојам, следниот миг се наоѓам себеси како лежам на под. Се прашувам дали сите мои врсници проаѓаат низ овие фази или тие веќе одамна си ги сфатиле работите? Дали на постарите луѓе им се случува да не знаат како да го живеат животот?

Дали животот е вечна потрага и дали знаеме што всушнст бараме? Луѓе? Дали ја бараме нашата друга половина или се бараме себеси? Тешко е да опишам што всушност ми се случува. Во суштина, јас навистина сум задоволна од својот живот, но наидувам на препреки кои никогаш досега не сум ги искусила.

И покрај сѐ, се обидувам да останам прибрана и позитивна.

Во последните две недели, мојот живот се сврте на некоја чудна страна. Никогаш не ми се случило ова и за ова не зборувам со никого.

Оваа страна тешко се дише, тешко се објаснува и тешко дека некој би ме разбрал.

Ме интересира само ова: Дали некогаш ви се случило нешто што истовремено е и претешко и преубаво? Дали препреките се тест кој ќе покаже колку се вистинити и силни работите кои ги преживуваме? Луѓето кои ме знаат, знаат дека секогаш сум ги бирала чувствата пред разумот. Сега не сум сигурна што да одберам. Но, сигурна сум во една работа.

Во сите тешки животни моменти, вистината работа е да се свртам кон себеси. Да работам на тоа секој ден да се развивам уште малку и на луѓето околу мене  да им дадам уште подобра и поубава верзија од мене. Да работам на тоа секој ден да запознавам дел од себе кој, иако секогаш сум го носела во себе, дури сега излегува на површина.

Би сакала можам да ви кажувам за приказната која започна пред извесно време и која можеби и ќе заврши за многу кратко. Но, овојпат ќе ја задржам за себе. Ќе ви кажам само дека имам чувство дека овој период ми е најголемата раскрсница во животот. Истовремено се чувствувам потполно изгубено и сигурно. Секогаш сум знаела дека сѐ се случува со причина и дека работите секогаш завршувале како што треба да завршат. Секогаш сум ги правела вистинските избори, дури и кога можеби на моменти ми делувале дека се погрешни.

Размислував за тоа дека некои работи се случуваат еднаш во животот. Размислував за тоа како истовремено сакам и да молчам за моите работи и да ги споделувам со сите. Си замислував еден друг живот, некои други места и некои посреќни околности.

Ме интересира само дали ги ставаме чувствата на второ место поради тоа што сега сме постари? Дали го избираме разумот поради тоа што некогаш сме биле повредени или поради тоа што однапред сакаме да се оградиме од тажниот и тешкиот крај на приказната која уште не почнала?

Одлучив да ги сопрам мислите. Да им се препуштам на чувствата коишто никогаш не биле посилни. Да не мислам ниту на утре, ниту на вчера. Одлучив да бидам искрена кон себе. Одлучив да признаам дека сега се плашам повеќе отколку порано. Одлучив да си кажам дека тоа е сосема во ред и дека никогаш не можам да знам зошто нешто почнало и кога навистина ќе заврши.

Не сакам им ставам крај на работите за кои ништо не знам. Можам единствено да си верувам самата на себе, на она што го чувствувам и да бидам сигурна дека сѐ ќе пројде во најдобар ред, затоа што од хаосот секогаш се раѓа мир кој никој никогаш не успеал да го опише со зборови.