Од една општина се пуштаат во друга: Скопје се полни со кучиња од другите градови?

Комбиња со регистарски таблички од други градови се забележани како разнесуваат кучиња во скопските општини. Оваа појава која не е само во Скопје, деновиве ја актуализираше фејсбук-групата “ Аеродром во моето срце” која на својата страница напиша дека “Камион од Тетово редовно истура и носи кучиња во Ново Лисиче”.

– Неколку пати е фатен камион од Тетово како истура голем број на улични кучиња во Општина Аеродром. Поднесени се неколку пријави, а информирани се и во општината – велат од оваа група.

Нивниот пост предизвика лавина реакции и најразлични коментари:

-Ива Стојановиќ, пак, како жител на Аеродром пишува дека кучињата што шетаат низ оваа населба се чипирани со маркичка од стационарот “Вардариште”, што значи дека се локални кучиња.

–Кучињата се маалски, мирни и не напаѓаат. Немојте да измислувате и да стварате параноја. Овие кучиња со години живеат во Аеродром и за нив се грижат голем број на луѓе – вели Стојановиќ.

Тодор Лонго се прашува: Која е логиката да ги носи од Тетово, со ризик да го видат во Аеродром при истовар, кога можел по пат да ги исфрли во Ѓорче Петров?

Од општина Аеродром велат дека станува збор за чиста измислица и дека кучињата што шетаат по улиците и парковите се локални и се со маркички на ушите од стационарот “Вардариште” каде што биле вакцинирани и обележани.

Сомнеж дека се заловуваат кучиња скитници од една општина и се пуштаат во друга, речиси пред една година изрази кавадаречкиот градоначалник, Александар Панов откако кавадаречкото здружение за заштита на животните „Аними реино”излезе со информација дека комбиња со регистарски таблички од други градови оставаат кучиња во Кавадарци.

Пред половина година на периферијата на германскиот град Вупертал во напуштен објект  беа пронајде 54 кучиња и 3 мачки, од кои 33 кучиња од Македонија, чувани во ужасни услови. Асоцијацијата на активисти за права на животните побара од македонските надлежни служби да се инволвираат во случајот и да истражат дали постои нелегален извоз на кучиња од нашата земја во Германија и кои се посредниците кои го овозможиле тоа.