Од еден работник: 12 илјади денари плата, дома сите бараат, а ти немаш да дадеш

-Во овој маркет купувам еден производ, во друг купувам – друг, за поевтино, за да заштедам 5-10 денари. Сметките не чекаат. Ако не ги платиш, ако ти изнајдат дека должиш само 1 денар, ќе ти пратат извршител и ќе мора да платиш околу 12.000 денари, раскажува Бранко работник во приватна фирма.

Според објавените подтоци зголемување на стапката на сиромашија во однос на претходната година има за 0,3 проценти, кога сиромашни биле 21,5 отсто од населението или 445.200 илјади граѓани, а намалување во однос на 2014 година кога 22,1 процент или 457.200 граѓани биле сиромашни.

Со 200 евра плата не можам да го издржувам семејството.Влегувам дома и сите бараат, а јас немам да им дадам. Премногу е тешко да се преживее, камоли нешто да си купиме за облека или недај боже да се разболиме. Мојата жена во моментов не работи, целата грижа за семејството е на мој грб, И како вака да се живее? Фактички, не живееме, само преживуваме. Во безнадежност, немоќни, безволни нешто да преземеме, надевајќи се дека нешто магично ќе се случи за да се извлечеме од ова дереџе, вели Бранко од Скопје. 

Анализирано по типови домаќинства, најголема стапка на сиромаштија од 50,6 проценти има кај домаќинства со три или повеќе издржувани деца, а најниска во самечки домаќинства со еден возрасен член на возраст од над 65 години. Стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2016 година е 21,2 проценти.

Од статистичките податоци може да се види и дека стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери изнесува 41,6 проценти, пред социјалните трансфери со вклучени пензии 25,7 проценти и по социјалните трансфери 21,8 проценти.

Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштија е дефиниран на 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход.