Од дива депонија до голем модерен парк во Сарај: Ѓорѓиевски најави дека покрај Вардар ќе никне нов зелен простор за рекреација

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека денеска заедно со градоначалникот на општина Сарај, Мухамед Елмази и министерот за животна средина Мухамед Хоџа, го посетиле просторот покрај реката Вардар, на патот кон селото Рашче, место за кое вели дека до вчера било дива депонија, а денес веќе се чисти и се подготвува да добие сосема нов лик.

„Овој запуштен простор ќе прерасне во голем, модерен и уреден парк, со хортикултурно и партерно уредување, зелени површини и содржини за рекреација, одмор и дружење на жителите од овој дел на Сарај“, истакна Ѓорѓиевски.

Исто така, додаде дека наскоро започнуваат и реконструкција на мега-паркот во Сарај, кој со децении бил оставен во негрижа.

„Ова место има природна убавина, има потенцијал и заслужува грижа. Не заслужува отпад, запуштеност и заборав, туку живот, зеленило и простор во кој граѓаните ќе уживаат. Како што ветив, продолжуваме со изградба на паркови, зелени површини и јавни простори кои му даваат нова вредност на градот“, нагласи градоначалникот.