Од денеска забрана за увоз на отпад за согорување од Бугарија

Денеска стапува во сила забраната за увоз и извоз на отпад за согорување меѓу Бугарија и Македонија. Тоа е во согласност со воведените измени во Законот за управување со отпад, кој беше донесен по скратена постапка во Собранието, пред да биде распуштено. Со него се забранува увоз на отпад, што се користи како извор на енергија.

Ова прашање беше тема на разговор и меѓу министрите за животна средина на Македонија и на Бугарија, Насер Нуредини и Емил Димитров за време на неодамнешната посета на Димитров во Скопје.

Бугарскиот министер вети дека од 24 февруари таков вид на отпад нема да премине ниту од Бугарија кон Македонија, ниту од Македонија кон Бугарија.