Од денеска возачите ќе точат поевтино гориво

Од денеска возачите ќе точат поевтино гориво. Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија вчера донесе одлука за намалување на цените на нафтените деривати според која бензините поевтинија за 1,50, а дизелот за 2,50 денари.

Според нивната одлука се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6,52% односно за 4,17% во однос на досегашните заради намалувањето на просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар која во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 48,706 долари за барел, односно за 6,85% помалку од просечната цена на суровата нафта по која се формирани тековните цени на нафтените деривати, како и заради намалувањето на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот четиринаесетдневен период кои забележаа намалување кај бензинот за 4,77% и кај дизелот за 7,37%.

Врз ваквата одлука влијае и курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот 14-то дневен период кој изнесуваше 55,04 денари и е за 0,94% понизок од курсот на доларот по кој беа формирани цените, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи во формирањето на цените на нафтените деривати според фамозната и на јавноста непозната методологија, малопродажните цени на нафтените деривати на Еуросупер БС-95 и на Еуросупер БС-98 се намалуваат на 62,50 односно 64,50 денари за литар, а малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) се намалува на 48,00 денари на еден литар.