Од денеска казни, а можни се и кривични пријави за тие што ќе качуваат цени

Од денеска ќе има високи казни за тие што неосновано ги зголемуваат цените на основните производи, обидувајќи се да профитираат за време на криза.

Ова го најави министерот за економија Крешник Бектеши доцна синоќа на својот фејсбук профил, откако Владата ја прифати одлуката на неговиот ресор за замрзнување на цените на основните намирници.

„Владата го прифати предлогот на Министерството за Економија за забрана за зголемување на цените на продукти од страна на трговците.

Од утре високи казни за сите тие што ќе се обидат да им наштетат на граѓаните вклучувајќи и кривични пријави“, напиша Бектеши.

А Владата на вчерашната седница донела одлука за замрзнување на цените на основните продукти. Тоа значи дека трговците нема да смеат да ги зголемуваат цените на основните производи повеќе од цената која е утврдена како референтна, а таа е онаа што тие продукти ја имале на денот кога СЗО прогласи пандемија, односно 11 март.

Станува збор за леб, сол, зејтин, млеко и млечни произвои, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства, со состојба на денот за прогласување од СЗО, освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука ќе влезе на сила наредниот ден откако ќе се објаву во Службен весник.