Од денеска до 28 март е пријавувањето на последниот круг за Женска трка

Од денеска до 28 март е пријавувањето на последниот круг за “Авицена Женска трка 2018”. Оваа трка е во организација на Сојуз на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје како дел од промотивните трки на “Виз Ер Скопски маратон 2018”.

Трката ќе се одржи на 1 април, а организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да ја посетат официјалната страна на “Авицена Женска трка” и да се впуштат во оваа еднодневна забавна авантура со вклучување во трката на www.zenskatrka.mk, додека за директно пријавување може да се посети и партнерот за онлајн регистрација: www.smarttrake.club

Во соработка со евентбаџџ од Германија, организаторите воведуваат иновативен новитет, дигитален стартен пакет со изненадувања од партнерите. Во стартниот пакет се вклучени стартен број со чип, онлајн диплома во ПДФ формат, вода, учество во лотаријата на крајот од трката и подароци од спонзорите.

Оваа година трката ќе почне од Фонтана Лотос во Скопје, пред Градски парк и ќе се трча по булевар Илинден за прв пат правејќи ја оваа трка улична. Стартот и целта ќе бидат пред Фонтана Лотос на булевар “Илинден” и по самиот булевар ќе се трча еден круг од 2 километри. Трката ќе започне во 10 часот, додека во 9:30 часот се предвидени аеробик вежби за загревање.