Од денеска бесплатен посебен транспорт за стари лица и лица со попреченост од Кисела Вода

Кисела Вода е првата општина каде што повозрасните лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, добиваат бесплатен превоз до потребната институција. Ова го содржи договорот потпишан од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска.

-Денеска, ние како Општина Кисела Вода заедно со Црвениот Крст започнуваме со мерка која како целна група ги има повозрасните и изнемоштени лица, лицата со попреченост или со потреба од придружник, негувател или личен асистент. Со повикување на еден телефонски број, тие можат да добијат бесплатен превоз до потребната институција за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Транспортот се врши во работни денови од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот и се закажува 24 часа однапред. Притоа, Општина Кисела Вода ги обезбеди финансиските средства за услугата, а Црвениот Крст на користење ги става своите возила и човечките ресурси. Како локална самоуправа континуирано покажуваме дека се грижиме повозрасните лица да имаат поквалитетни и подобри услови за живеење. Ова е стратегија која ја развиваме и ќе ја продолжиме и во наредниот период, што подразбира дека тие можат да очекуваат испорака на повеќе социјални и здравствени услуги за помош и грижа како и  спроведување на соодветни активности, за нивен активен и здрав живот, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода, кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст, секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник,  до една конкретна дестинација, и назад. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен. Едно лице има право на бесплатен превоз во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година.

-Нашата идеја е заедно со локалната самоуправа да ги направиме социјалните сервиси подостапни, пред се, за лицата од трето доба, меѓутоа и за останатите граѓани кои имаат потреба, а не се во состојба самите тоа да го релизираат. Психосоцијалната поддршка која ќе дојде од страна на Црвениот крст, тимовите кои работат во делот со санитетскиот транспорт и социјалниот сервис нега во домот и итно копче навистина се новитет и искрено се надевам дека Општина Кисела Вода ќе биде пример и ќе ги поттикне останатите опшини и нивните градоначалници да го препознаат ова како позитивен елемент во модерното живеење на еден урбан град ,како што е нашето Скопје. Во моментот располагаме со четири возила. Нашата интенција е веќе наредната година да имаме две дополнителни возила и искрено се надеваме дека поддршката од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски,  како претседател на  ЗЕЛС ќе ни овозможи мотивација на другите луѓе кои се одговорни и се носители на одлуки, па заеднички да го зголемиме возниот парк и веќе наредната година дополнителните две возила да ги ставиме на располагање, што пак  значи дека многу поголем број на корисници ќе имаат услуга до овој социјален сервис, рече секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска.

Претседателот на Здружнието на пензионери на Кисела Вода кој присуствуваше на потпишувањето на договорот ја нагласи одличната соработка што ја имаат со Општина Кисела Вода и градоначалникот Ѓорѓиевски и го истакна бенефитот кој тие го имаат од вака договорената соработка помеѓу двете институции.

 -Денеска сум тука во име на пензионерите од Кисела Вода за да дадеме поддршка за реализација на уште еден проект кој е навистина потребен и битен за повозрасните жители на Кисела Вода. Благодарни сме бидејќи за истиот, претходно бевме консултирани од градоначалникот, како би дале свој придонес преку наши идеи кои ги отсликуваат потребите што ги имаме, без разлика дали се од здравствен или социјален карактер. Сакам да се заблагодарам за досегашната одлична соработка со градоначалникот Ѓорѓиевски и препознвајќи ја неговата желба максимално да се грижи и да им помага на пензионерите од нашата општина, убеден сум дека таа и во иднина ќе продложи со вакви и слични проекти. Воедно, сакам да се заблагодарам и на Црвениот Крст кој на директен начин ќе ни го олесни секојдневието, изјави Претседателот на Здружението на пензионери на Кисела Вода Момчило Петровиќ.