Од денес раскажувам нова приказна

Имам прекрасна пријателка. Жена која е прекрасна личност, интелигентна, способна, вредна, силна, храбра, преубава. Меѓутоа, таа не е се гледа себеси онака како што јас ја гледам. Со сите нејзини квалитети кои ги набројав, во нејзиниот живот недостига маж. Ѝ недостасува љубов која ќе исполни голема празнина во нејзиниот живот. Долго време е сама. Силно посакува љубов и семејство, но никако не ѝ поаѓа од рака. 

Со оглед на тоа дека јас постојано нешто читам и пишувам, дојдов до еден совет кој го споделив со неа и оттогаш работите се променија. Отпрво, ни самата не бев свесна за силата на тие зборови и колку си го променив животот со промена на мислите, а потоа и со зборовите. 

Ова ѝ го кажав: Драга, ако овој живот е замислен за да имаме искуства, за да учиме и извлекуваме поуки од работите и ако она што го говориш е твојот живот, тогаш мора да го промениш начинот на размислување, а со самото тоа и она што го кажуваш. Луѓето со кои си опкружена влијаат на твоите мисли, чувства, на целото твое битие. Ајде обиди се да го промениш тоа што го мислиш и зборуваш. Секојпат кога ќе видиш среќен пар, ти посакуваш да имаш љубов покрај себе. И велиш дека го немаш тоа. Секојпат кога ќе видиш убаво семејство, ти го посакуваш тоа и силно жалиш што немаш свое семејство. 

Па, сега обиди се да замислиш како твоите зборови се многу важни за да го создадеш она што го сакаш. Обиди се да ја раскажуваш својата нова приказна. Немој повеќе да велиш: „Го нема мојот идеален маж кој ќе биде и ќе остане моја љубов за цел живот.“ Обиди се со: „Тој ќе дојде кога нема да забележувам дека го нема. Затоа што знам дека ќе дојде.“ И кога ќе почнеш да веруваш во тоа, ќе се опуштиш, ќе почнеш да се убедуваш во некои други работи кои те опкружуваат. Но, мораш да веруваш во тоа, затоа што инаку тоа значи дека се залажуваш сама себе. 

Додека ѝ го кажував ова, сфатив дека оваа нова приказна може да важи за сите. Кога велиме: нема пари, болна сум, тажна сум, осамена, немам љубов...сите тие недостигања и копнежи долго остануваат во нашите животи. Можби затоа што постојано го мислиме и изговараме тоа. Позитивното размислување се чини дека е клуч кој ги отвора сите врати. Позитивните зборови ни носат добро чувство. 

Затоа, измисли ја својата приказна која би сакала да ја живееш, напиши ја, испечати ја, верувај во неа. Промени ги мислите. Изговарај ја секој ден и по 15 пати ако е потребно. Сигурно ќе се чувствуваш подобро кога ќе ја изговараш својата приказна. По некое време животот сигурно ќе почне да ти се развива во насоката на твојата нова животна приказна. 

Јас ја раскажувам својата нова приказна, приказна каква би сакала да живеам и се чувствувам прекрасно, без оглед на ситуациите кои ми се случуваат.